Што се неразградливи органски загадувачи (POPs)?

Научната евиденција покажува дека изложувањето на многу ниски дози на некои од соединенијата класифицирани во POPs (кои се меѓу најтоксичните супстанции досега синтетизирани) може да предизвика рак, оштетувања на централниот и периферниот нервен систем, болести на имунолошкиот систем, заболувања на репродуктивниот систем, пореметувања на развојот на доенчињата и децата.

Загрижувачки е фактот дека постојат големи количини на заостанати залихи на пестициди и отровни хемикалии, особено во земјите во развој. Местата каде овие хемикалии се елиминирани и резервоарите во кои биле складирани во 50тите и 60тите години сега се распаѓаат и нивните продукти доаѓаат во почвата, водите, животните и човекот. Голем дел од инфраструктурата и опремата како што се дотраените електрични трансформатори може да пропуштаат опасни хемикалии како што се PCBs (полихлорирани бифенили).

Генерално, овие хемиски соединенија ги имаат следните особини:

  • Антропогеност – Произведени и/или мобилизирани во средината како резултат на активности од страна на човекот. Може да се произведуваат како пестициди, да се експлоатираат во индустријата, или ненамерно да се генерираат како нус-продукти од разни индустриски процеси.
  • Токсичност – од сите загадувачи кои секојдневно се испуштаат во животната средина како резултат на човечките активности неразградливите органски загадувачи се меѓу најтоксичните. Тие се високотоксични со тоа што предизвикуваат голем број заболувања и вродени дефекти кај човекот и животните.
  • Неразградливост – Имаат долг животен век во животната средина и скоро да не се распаѓаат во воздух, вода или почва;
  • Мобилност – Тие циркулираат глобално со таканаречен “ефект на скакулец”. Овие загадувачи ослободени во одреден регион на светот можат, преку процес кој постојано се повторува (испарување, нанесување, испарување, нанесување), да се транспортираат преку атмосферата во региони оддалечени од примарниот извор.
  • Биоакумулативност – Концентрацијата на POPs во живите организми во однос на концентрацијата во околината се нарекува биоакумулација. Иако не се растворливи во вода, неразградливите органски загадувачи се апсорбираат во масните ткива, каде концентрацијата може да се зголеми до 70,000 пати од почетната.
    Дванаесетте POPs кои бараат итна акција се : алдрин, хлордан, ДДТ, ендрин, хептахлор, хексахлорбензен, мирекс, токсафен полихлорирани бифенили и диоксини и фурани.

Неразградливи органски загадувачи (POPs)

  1. Алдрин
  2. Хлордан
  3. ДДТ
  4. Диелдрин
  5. Ендрин
  6. Хептаклор
  7. ХЦБ
  8. Мирекс
  9. Токсафен
  10. PCB
  11. Диоксини | Фурани