Канцеларија за неразградливи органски загадувачи

 

 

Национален имплементационен план за намалување и елиминација на POPs во Р. Македонија

 

Што се неразградливи органски загадувачи (POPs)?

Научната евиденција покажува дека изложувањето на многу ниски дози на некои од соединенијата класифицирани во POPs (кои се меѓу најтоксичните супстанции досега синтетизирани) може да предизвика рак, оштетувања на централниот и периферниот нервен систем, болести на имунолошкиот систем, заболувања на репродуктивниот систем, пореметувања на развојот на доенчињата и децата.
Загрижувачки е фактот дека постојат големи количини на заостанати залихи на пестициди и отровни хемикалии, особено во земјите во развој. Местата каде овие хемикалии се елиминирани и резервоарите во кои биле складирани во 50тите и 60тите години сега се распаѓаат и нивните продукти доаѓаат во почвата, водите, животните и човекот. Голем дел од инфраструктурата и опремата како што се дотраените електрични трансформатори може да пропуштаат опасни хемикалии како што се PCBs (полихлорирани бифенили)
Генерално, овие хемиски соединенија ги имаат следните особини :

  • Антропогеност - Произведени и/или мобилизирани во средината како резултат на активности од страна на човекот. Може да се произведуваат како пестициди, да се експлоатираат во индустријата, или ненамерно да се генерираат како нус-продукти од разни индустриски процеси.
  • Токсичност - од сите загадувачи кои секојдневно се испуштаат во животната средина како резултат на човечките активности неразградливите органски загадувачи се меѓу најтоксичните. Тие се високотоксични со тоа што предизвикуваат голем број заболувања и вродени дефекти кај човекот и животните.
  • Неразградливост - Имаат долг животен век во животната средина и скоро да не се распаѓаат во воздух, вода или почва;
  • Мобилност - Тие циркулираат глобално со таканаречен "ефект на скакулец". Овие загадувачи ослободени во одреден регион на светот можат, преку процес кој постојано се повторува (испарување, нанесување, испарување, нанесување), да се транспортираат преку атмосферата во региони оддалечени од примарниот извор.
  • Биоакумулативност - Концентрацијата на POPs во живите организми во однос на концентрацијата во околината се нарекува биоакумулација. Иако не се растворливи во вода, неразградливите органски загадувачи се апсорбираат во масните ткива, каде концентрацијата може да се зголеми до 70,000 пати од почетната.
    Дванаесетте POPs кои бараат итна акција се : алдрин, хлордан, ДДТ, ендрин, хептахлор, хексахлорбензен, мирекс, токсафен полихлорирани бифенили и диоксини и фурани.


Алдрин - инсектицид синтетизиран од човекот, во природата, човечкиот и другите животински организми преоѓа во диелдрин. Се аплицира во почвата при производство на пченка, памук и компир, за третирање на термити, скакулци, црви кои го оштетуваат коренот на пченката, но исто така тоа може да им штети на птиците и рибите. Навлегува брзо во почвата и бавно испарува во воздухот. Растенијата го земаат од почвата и го складираат, а диелдринот се складира во масното ткиво на животните и многу бавно се елиминира. Постојат податоци за умирање на стотици птици поради консумирање на месо од животни кои се хранеле со ориз третиран со алдрин или го консумирале самиот ориз. Дозата која може да предизвика смрт кај возрасен маж е околу пет грама алдрин. Луѓето најчесто се изложени на алдрин преку прехранбените продукти (коренасти култури, риба, морска храна, млечни производи, млеко и путер и месо). Знаци за труење при изложеност на човекот на овие хемикалии се: грчеви, неконтролирани движења на мускулите, главоболка, мачнотии, повраќање, оштетувања на ендокриниот систем, а испитувањата кај животните покажале дека овие соединенија може да предизвикаат рак на црниот дроб и супресија на имунитетот. Употребата на алдринот е забранета или строго ограничена во многу земји.

Хлордан - се користи за контрола на термити и како инсектицид со широк спектар на делување кај земјоделските култури. Хлорданот останува во почвата долго време (повеќе од 20 години), со период на полураспаѓање од една година; не навлегува во подземните води поради ниската хидросолубилност, но испарува во воздухот. Луѓето се изложени на хлордан при : консумирање на култури одгледувани на контаминирана почва, риби и школки од контаминирани водни системи со хлордан, вдишување воздух или контакт со почва во близина на објекти третирани со хлордан заради заштита од термити или во близина на депонии кои содржат хлордан. Леталните ефекти од хлорданот кај рибите и птиците варираат во зависност од видот, но тестовите покажуваат погубни резултати кај дивите патки, препелица, розова шкампија. Хлорданот може да влијае на имунолошкиот систем кај човекот, ги оштетува нервниот систем и црниот дроб, предизвикува главоболка, иритираност, слабост, проблеми со видот, повраќање, болки во стомакот, дијареја, и е класифициран како можна канцерогена хемикалија. Забранет или строго ограничен во повеќе земји.

ДДТ - можеби најозлогласен од сите Неразградливи органски загадувачии, ДДТ нашол широка примена во текот на Втората светска војна за заштита на војската и цивилите од ширење на маларија, тифус и други болести кои се пренесуваат преку инсектите. По војната, ДДТ и понатаму се користел за контрола на болести, и со него се запрашувале повеќе земјоделски култури, особено памукот. ДДТ се користи како ефикасно средство против комарци во некои земји заради контрола на маларијата. И покрај тоа што во многу земји е забранет за употреба, ДДТ, и продуктите на негово распаѓање (ДДЕ-дихлородифенилдихлороетилен) поради нивната стабилност, неразградливост (50% од супстанцијата може да остане во почвата 10-15 години после апликацијата) и нивната распространета употреба укажуваат на тоа дека остатоците од ДДТ може да се најдат насекаде во овошјето, зеленчукот, месото, рибата (остатоци од ДДТ се детектирани на Арктикот).
Можеби најпроучен негативен ефект од ДДТ е истенчувањето на лушпата на јајцата кај птиците, особено грабливите птици. Влијанието врз популациите на птици било причина за негова забрана во многу земји во текот на седумдесеттите години. 34 земји го забраниле ДДТ, а други 34 строго ја ограничиле негова употреба. Покрај тоа, тој е забележан во храната низ целиот свет, каде се внесува преку почвата на која се одгледуваат културите (коренастите и листовидните култури содржат највисоки концентрации). Луѓето го внесуваат преку белите дробови, дигестивниот тракт и кожата, а најчесто при контакт со контаминирана храна и инхалација од воздухот, од производи за заштита од молци, како и при подолг престој во близина на локалитети или шуми третирани со ДДТ. Иако остатоците во домашните животни постојано опаѓаат во последниве две декади, ДДТ присутен во храната и инхалацијата од воздухот останува најголем извор за популацијата воопшто. Краткотрајните акутни ефекти врз човекот се ограничени, но долготрајната изложеност е придружена со хронични ефекти врз здравјето. Тој може да влијае на ендокриниот систем на фетусот, со оштетувања на хормоналните сигнали потребни за здрав развој. ДДТ се излачува од човечкиот организам преку урината и мајчиното млеко, што претставува вистинска причина за загриженост за здравјето на доенчињата.

Диелдрин - се користи главно за контрола на термити и текстилни штетници, исто така и за контрола на болести предизвикани од инсекти и инсекти на обработлива почва. Времето на полураспаѓање е приближно пет години. Пестицидот алдрин брзо преминува во диелдрин, така да концентрациите на диелдрин во животната средина се повисоки отколку концентрацијата на користениот диелдрин. Диелдринот е многу токсичен за рибите и другите водни животни. Остатоци на диелдрин може да се најдат во воздухот, водата, почвата, рибите, птиците и цицачите, вклучувајќи ги и луѓето. Храната е главниот извор на оваа хемикалија за популацијата во целина.

Ендрин - Постои можност да ги контаминира површинските води при ослободување од почвата. Не се раствора во вода. Се врзува за седиментите на дното на реките, езерата и другите водни системи. Генерално не е детектиран во воздухот, освен при примена на земјоделските култури. Овој инсектицид се распрскува на лисјата од културите, во прв ред памукот и житариците. Исто така се користи за контрола на глодарите, како глувците и водните стаорци. Животните го метаболизираат (преработуваат) ендринот, така што тој не се акумулира во масните ткива до оној степен до кој тоа го прават некои хемикалии со слична структура. Тој има долг век на полураспаѓање, меѓутоа, во почвата останува неразграден до 10 години. Ендринот е високо токсичен за рибите. Кога водата е загадена со високи концентрации на ендрин, одредени видови на клен јајцата ги изведуваат порано од вообичаениот термин и умираат на деветтиот ден по дејството на ендринот. Луѓето најчесто ендринот го внесуваат преку храната, иако моменталните проценки на количините кои се внесуваат преку храната се под дозволените граници детерминирани од светските здравствени стручњаци.

Хептахлор (3-хлорохлорден) - нерастворлив во вода, бавно испарува во воздухот. Се врзува на морските седименти и се биоконцентрира во масните наслаги на живите организми. Претежно се користи за уништување на инсектите кои живеат во почвата и термитите, уште повеќе како инсектицид кај памукот, за уништување на скакулци и други штетници кај земјоделските култури и маларичните комарци. Пониските дози предизвикуваат негативни промени во однесувањето, намалување на способноста за репродукција. Човекот го внесува хептахлорот преку храна (консумирање на култури одгледувани на почва третирана со хептахлор, риба, млечни производи, месо богато со маснотии од животни кои биле експонирани на хептахлор; доенчињата преку мајчино млеко од мајка која била изложена на високи концентрации на хептахлор); во домови кои биле третирани со хептахлор заради заштита од термити, пиење на контаминирана вода или контакт преку кожата со почва во близина на депонии. Хептахлорот е класифициран како можна канцерогена супстанца за човекот, па околу дваесет земји го имаат забрането или строго ја ограничуваат неговата употреба.

Хексахлоробензен-перхлоробензен (НСВ) - првото воведување на НСВ е во 1945 година за третирање на семиња заради уништување на габи кои ги напаѓаат земјоделските култури. Широко е користен за контрола на одредени заболувања кај пченицата (Tilletia Caries). Тој е и нус-продукт при производство на одредени индустриски хемикалии, се користи за огномети, муниција, средства за заштита на дрвото, бои, синтетичка гума, и егзистира како нечистотија во неколку формулации на пестициди. Процеси при кои хексахлорбензенот се јавува како нус-продукт се : при производство на други хемикалии, хемиска интеракција во отпадните струи на хлоралкали, во погони за заштита на дрвото и согорување на комунален отпад. Човекот НСВ може да го внесе преку : млечни производи или месо од стока која пасела на контамирани ливади, консумирање на контаминирана храна, контакт со контаминирана почва, пиење на мали количини на контаминирана вода, вдишување на мали концентрации од контаминиран воздух, при престој во фабрики кои користат или генерираат НСВ како нус-продукт. Постојат примери каде популацијата која консумирала семиња на житарици третирани со НСВ покажале различни симптоми : фотосензитивност на кожата, колика, слабеење, пореметувања на метаболизмот. Исто така бремените жени преку плацентата го пренесуваат хексахлорбензенот на плодот, а доилките преку мајчиното млеко на доенчињата. Во големи дози НСВ делува летално на некои животни, а помалите концентрации имаат високо ефекти на репродуктивниот систем.

Мирекс - Се смета за еден од најстабилните РОРs-ови со век на полураспаѓање до 10 години. Не се раствора во вода, но лесно навлегува во почвата и честичките на седиментот. Нема мигрира низ почвата до подземните води, но се вградува во организмот на рибите и другите организми кои живеат во контаминирана вода или се хранат со други контаминирани организми. Овој инсектицид се користи во борбата против мравките и термитите. Се користи и како средство за зголемување на огноотпорност на пластичните маси, гумата и електричните производи. Луѓето доаѓаат во контакт со мирексот преку контаминирана почва во близина депонии со опасен отпад и консумирање на риба или други животни кои живеат во близина на такви депонии. Директна изложеност на мирекс не предизвикува токсични промени кај луѓето, но студиите на лабораториски животни биле причина да биде класифициран само како можна канцерогена супстанца кај луѓето. Во студиите мирексот е докажан како токсичен за неколку растителни видови и за рибите и лушпарите.

Токсафен - инсектицид кој се користи кај памукот, цереалиите, овошките, оревот и зеленчукот, како и за контрола на крлежи и црви кај добитокот. 50% од ослободениот токсафен може да остане неразграден во почвата до 12 години. Може да биде во гасна или цврста состојба, со жолта до боја на килибар, восочен изглед, со мирис на терпентин. Се ослободува во воздухот со испарување, скоро да не се раствора во вода, па поверојатно е да се сретне во воздухот, почвата или на дното на езерата и други водни екосистеми. Кај луѓето најверојатен извор на токсафен е контаминирана храна, култури одгледувани на контаминирана почва, вода од контаминирани извори, престој во близина на депонии каде е одложен токсафен. Иако не е многу токсичен за луѓето при нивна директна изложеност, лабораториските испитувања на животни покажуваат дека токсафенот може да биде канцероген. Тој е многу отровен за рибите : поточната пастрмка изложена на токсафен во период од 90 дена изгубила 46% од тежината, зголемена е смртноста кај икрата, додека при долготрајна изложеност на 0.5 г/л вода дошло од угинување на сите јајца. 37 земји ја забраниле употребата на токсафенот, 11 строго ја ограничиле.

Полихлорирани бифенили (РСВ-и) - овие соединенија се користат во индустријата како флуид за размена на топлина, во трансформаторите на електрична енергија и кондензаторите, како адитиви во боите, безјаглеродната хартија за копирање и пластичните маси. Нивната неразградливост во средината зависи од степенот на хлорираност, а векот на полураспаѓање варира од 10 дена до 1,5 години. Истражувањата покажуваат дека РСВ-и предизвикуваат оштетувања на репродуктивниот систем и супсресија на имунолошкиот систем кај повеќе диви животни. Во најголем дел РСВ-и се внесуваат во човечкиот организам преку храната, особено риба. Бидејќи РСВ-и се постојани во човечкиот организам, децата родени во области каде мајката е подолго време изложена на нивното влијание покажуваат пречки во развојот (посиромашна краткотрајна функција на меморијата) и проблеми во однесувањето. Овие супстанции се класифицирани како веројатни канцерогени.

Диоксини и фурани - Типично за диоксините е што се сретнуваат заедно со хлорираните дибензофурани. Некои од фураните се скоро идентични по структурата и токсичноста со фураните. Двете групи хемикалии во најголем број случаи се разгледуваат како една група. Диоксините и фураните никогаш не се произведуваат намерно, туку ненамерно се формираат на два начина: преку процесот на производство на одредени пестициди, средства за заштита, средства за дезинфекција и хартиени производи; и при согорување на материјали, како отпад од домаќинствата и токсичен отпад (болнички отпад, оловен бензин, пластика, хартија, дрво кое содржи диоксини). Најпознат диоксин е 2,3,7,8-ТЦДД, кој е екстремно токсичен. Неговиот полупериод на распаѓање во почвата е 10-12 години. Класифициран е како предизвикувач на канцер кај хуманата популација.